Богов: Банкарскиот систем стабилен, банките работат нормално

Ситуацијата во банкарскиот сектор во Македонија е нормална. Банките, дури и оние во сопственост на доминатни грчки акционери, работат нормално и редовно и нема никаква причина за загриженост, изјави попладнево гувернерот на Народната банка Димитар Богов.

На прес-конференцијата свикана попладнево во Народната банка, Богов нагласи дека банкарскиот сектор во Македонија е отпорен на секаков шок што може да се случи поради ситуацијата во Грција, пренесува МИА.

– Во минатото преземавме неколку мерки односно како прво во Законот за банки имаме ограничување според кое домашните банки не може да се изложуваат кон матичните групации повеќе од десет отсто од својот капитал. Пред две години донесовме и една макропрудентна мерка со која што за секоја изложеност кон земји кои што имаат кредитен рејтинг понизок од Б- веднаш банките ќе мораат да издвојат 50 проценти резервација. Вчера донесовме уште една мерка која целосно ги затвораме вратите за можен одлив на капитал од Македонија кон Грција. Иако не очекуваме дека такви обиди ќе има, сепак за да бидеме на сигурно, ја донесовме таа одлука со која нормалното работење меѓу македонски и грчки фирми продолжува како и досега. Единствено сега нема да може да се даваат позајмици и вложувања од Македонија кон Грција, истакна Богов.

Тој потенцира дека нема повлекување на депозити и оти сите банки и банкомати во државата работат нормално.

Што се однесува до македонските граѓани кои во моментот летуваат во Грција, Богов рече дека тие можат да повлечат пари од банкоматите онолку колку што им е лимитот зададен од матичната банка.

– Тие може да подигаат пари од банкоматите во Грција согласно лимитите што им ги има поставено нивната матична банка, односно издавачот на картичката. Лимитите што важат во Грција не се однесуваат на нив, појасни гувернерот на Народната банка.

Според Богов, доколку банкарскиот сектор во Грција пропадне, тоа нема да се одрази врз домашниот банкарски сектор.

– Доколку дојде до крах на банкарскиот систем во Грција тоа ќе биде многу лоша ситуација за грчката економија, мегутоа во Македонија тоа нема да се одрази воопшто. Нашиот банкарски систем ќе продолжи да функционира без никакви последици. Оние банки кои се во грчка сопственост, се домашни банки кои работат според нашата регулатива и тие ќе продолжат да работат. Единствено може да го променат сопственикот, потенцира гувернерот Богов.

Народната банка на Република Македонија вчера објави дека презема неколку заштитни мерки со привремен карактер. Мерките се воведуваат со рок на траење најмногу од шест месеци, а се однесуваат на ограничување на капиталните одливи од резидентите на Република Македонија (физичките и правните лица) кон грчките субјекти врз основа на новосклучени капитални трансакции, но не и на ограничување на одливите врз основа на пристигнати плаќања за веќе склучени капитални трансакции.

Мерките се преземени по одлуката на Европската централна банка да го замрзне нивото на вонредна ликвидносна поддршка имајќи го предвид непродолжувањето на Програмата на ЕУ за прилагодување на Грција и ризикот за неизвршување од страна на Грција на отплатите по долгот кои достасуваат на 30 јуни, откако грчката влада одлучи да одржи референдум за условите на нејзината програма со кредиторите, што фактички значи исклучување на банките од Република Грција од програмата на Европската централна банка за итна ликвидносна поддршка (Emergency illiquidity assistance – ELA) и најверојатно воведување капитални контроли во Грција.

Извор: Миа

Интересно

sobrani11-860x680

Ќе се формира Анкетна комисија за случајот „Фабрика за фалсификувани лични документи“

Пратениците во Собранието денеска донесоа одлука да се формира нова анкетна комисија за фабриката за …