Малцинските акционери на „Макпетрол“ се приклучија на тужбата против директорот

Петнаесет малцински акционери на „Макпетрол“ се приклучија на кривичната пријава на МВР, поднесена против 21 лице од управниот и од надзорниот одбор на компанијата. Целта, како што велат, е да си ги остварат правата како акционери и да си го задржат имотот.

Тие и досега поднеле кривични пријави до одредени лица во компанијата, но судска разврска немало и прашуваат зошто се чекало толку долго за институциите да реагираат.

– Поради незаконско работење и систематско уништување на нашата компанија, поднесена е кривична пријава против генералниот директор и членовите на управниот и на надзорниот одбор на „Макпетрол“, на која, според наше мислење, се чекаше премногу. Но, сепак, првпат досега, Jавното обвинителство нè повика и нас, дел од акционерите, да дадеме свој исказ за овој, за нас, многу важен случај – изјави Мира Данаилова, акционер во „Макпетрол“.

Таа вели дека досега, како акционер на компанијата, не можела да си ги оствари законските права.

– Не можевме да ги продаваме акциите, ниту да присуствуваме на годишно собрание на акционери. Ние моравме да овластиме некого за да нè застапува нас, а овластувањето одеше преку раководител или директор на сектор. На тој начин, тие што ги овластувавме секогаш го штитеа интересот  на менаџментот, а не нашиот. Никогаш не добивме известување што се случува на тоа собрание – вели Данаилова.

Според неа, оној момент кога решила да овласти некој во кого има доверба, почнале проблемите. Поради притисоците завршила на Клиника за психијатрија и додека била на боледување, добила решение за технолошки вишок, по 32 години работа во компанијата.

Акционерот Влатко Трајчевски смета дека од моментот на формирање на командитното друштво „Оилко“,  „Макпетрол“ бележи очајни резултати и како акционери заборавиле што значи зборот дивиденда.

– На 17 август 2013 година, на вонредното собрание на акционери, поставив многу прашања до членовите на управниот и на надзорниот одбор, но не добив никакви одговори. По тој состанок имаше немилосрдна пресметка со сите што дадоа полномоштво на некој друг во кој имаат доверба. Трпевме неверојатен притисок. На 24 април 2014 година, добив решение за отказ, што значеше неоснован израз на самоволие и демонстрација на моќ и на сила. Тоа, во исто време, беше порака и до сите други малцински акционери што сакаа да го кренат гласот – вели Трајчевски.

Тој додава дека по формирањето на „Оилко“, компанијата делела баснословни суми дивиденда на менаџментот, додека „Макпетрол“ за сите овие години работи со загуба. Потсети дека ова командитно друштво е формирано со имот и со капитал токму на „Макпетрол“ и доколку не е оваа компанија, истото не може да работи.

– Бидејќи добив неоснован отказ, колешката која сведочеше на суд, исто така доби отказ два месеци пред пензија.Основен суд  пресуди во моја корист – објаснува Трајчевски.

Малцинските акционери кои се приклучуваат на тужбата се пензионирани, добиле отказ или биле прогласени за технолошки вишок. Тврдат дека има и такви кои сè уште работат, а очекуваат и други малцински и надворешни акционери да го кренат гласот.

Тие се загрижени за судбината на компанијата, која со години пропаѓа и генерира загуби. Велат дека тоа е чудно и необјасниво за најголемата нафтена компанија.

– Како е можно „Макпетрол“ да е во милионски загуби, а компанијата зад која стојат менаџерите и која е најголем акционер, да има огромни профити – прашуваат акционерите.

Извор: Мета

Интересно

sobrani11-860x680

Ќе се формира Анкетна комисија за случајот „Фабрика за фалсификувани лични документи“

Пратениците во Собранието денеска донесоа одлука да се формира нова анкетна комисија за фабриката за …