Star Wars VII – рецензија

8411870_orig

Мислам дека дури и 4 од 5 ѕвезди за филмот е премногу дарежливо, но сепак тоа е Стар Ворс. Филмот е забавен, исполнет е со акција и добри борби помеѓу ИКС-винг и Тај-фајтери, додека борбата со мечеви е умерена за разлика од предходните епизоди. Иако сценариото налага уште помалку мечување, ќе гледаме како некој што не е џедај, земе лајтсејбр и се бори со темен лорд (или ’сит’ или што и да е), и дури му дава отпор во борбата, ваквите делови во филмот се сосема непотребни и старворски нелогични.
Во филмот има неколку сцени во кои одлично се претставува спектакуларниот индустриски дизајн и концептуална уметност на оружјето, скафандрите, леталата и спектакуларниот ентериер на ултрамегалитските структури.

9046878_orig

Сценариото сепак е плитко, без основни принципи на раскажување на приказна каде не постои заплет, нема дефинирана кулминација по која расплетот би можел да ве воодушеви или шокира. Повеќето перипетии се веќе видени и флагрантно препишани од претходните епизоди. Филмот изобилува со убави и ’нашминкани’ сцени со богата сценографија, меѓутоа има неколку сиромашни и штури сцени кои не доликуваат на филм со ваков буџет и вакво реноме. На пример неколку села се прикажани со десетина шатори, дури и некои сцени каде треба да се прикаже масовност се штури и бедни. Морам да напоменам дека на моменти дејствијата се неповрзани и пар пати можете да се осетите збунети за локацијата и времето на одвивање на некои од сцените.

2352455_orig

Кастингот е многу добар иако главните актери се скоро непознати тие многу добро ги исполнуваат лесните и плитки улоги, за разлика од актерот на Анекин Скајвокер во претходната трилогија кај кој воопшто не постоеше глума додека карактерот бараше изобилство на емоции. Исто така останува впечаток дека улогата на главниот негативец Кајо Рен можела да биде подобро обработена и збогатена со повеќе варијации на разнишани емоции, и тоа да се одглуми соодветно.

1607377_orig

Коинциденција или плагијат на митингот на Нацистичката партија во Нирнберг со која се најавува Втората светска војна? Обид да се поврзе Првиот поредок со Третиот Рајх?
Ниту пак оваа сцена не е изработена како доликува, забележете ја густината на формација на баталјоните на двете споредени слики, барем на филм тоа се средува со неколку наредби во софтверот за компјутерски генерирање ликови. Во ваквите сцени каде се гледа дека фали 70% од војската филмот ја губи динамиката и привлечноста на приказната.

880923_orig

Да се навратиме на воодушевувачките dogfights (воздушна борба на летала) помеѓу леталата на Отпорот и Првиот поредок. Сигурен сум дека повеќето љубители на овој серијал ќе уживаат во ваквите сцени кои се заштитен знак на Стар Ворс.
Воздушна битка помеѓу Милениум Фалкон и пар Тај-фајтери секогаш ќе биде повеќе од спектакуларен за гледање особено кога летаат низ урнат труп од Стар Дистројер. На ваквите сцени се гледа спремноста на режисерот добро да ги определи и претстави овие воздушни дуели кои секогаш ќе предизвикаат воздишка.

4569566_orig

Филмот е лесен за гледање има неколку неочекувани комични ситуации кои ќе ве насмеат со уникатна смисла за хумор. Но сепак мислам дека е жално еден од најуспешните филмови од научна фантастика да делува шуплив поради недостаток на цврста приказна. Пред неколку години Кристофер Нолан го „збогати“ Бет Мен – Темниот Витез со фантастично сценарио и сега тој е меѓу топ 10 најдобри филмови во историјата. За жал Стар Ворс ја испушти оваа можност и единствено што преостанува е да биде број еден во историјата на кино благајните. Нешто што сигурно ќе се случи со оглед на маркетингот, пропагандата и бројот на следбеници што може и некоја споредна религија да позавиди.

Се разбира има и емотивни моменти на љубов, омраза и смрт кои ќе ви ги разбудат чувствата, сепак тоа би можело да се изведе на многу посуптилен, развиен и современ начин.
Знам дека во рецензијава има повеќе негативни отколку позитивни критики, тоа е сигурно поради високите очекувања за оваа сага која била дел од нашето детство како искра на детската фантазија за футуристички технолошки развој. Филмот препорачувам да се гледа со исклучен разум, без многу високи очекувања и уживајте со незаборавните и возбудливи сцени на dogfights и преубавата костимографија и сценографија.
Кристијан Шишковски

 

Интересно

oCILA

Како да ги одберете вистинските очила

Како да ги одберете правите очила кои одговараат на обликот на вашето лице.      Голем …