Сведочењето на Богоевски за „Маѓар телеком“ ја разбранува ДУИ

ДУИ ќе поднесе соодветна пријава против поранешниот шеф на тајната служба Слободан Богоевски, кој, како што пренесе интернет-порталот „Мејн џастис“ (Main Justice), специјализиран за инсајдерски вести поврзани со активностите на американското Министерство за правда, објави дел од неговото сведочење за поткуп во „Маѓар телеком“, во кое обвинува високи функционери на Демократската унија за интеграција за вмешаност во аферата.

„Сведочењето е конструкција на непосточки настани и околности“, велат од ДУИ.

Во текстот на „Мејн џастис“ се вели дека „федерален судија во Њујорк ќе го дозволи писменото сведочење на поранешниот шеф на македонската тајна служба според Актот за странски коруптивни практики, во судењето на тројца поранешни извршни директори на унгарската телекомуникациска компанија“.

Судијата смета дека проблемите со писмените сведоштва не влијаат негативно на сведочењето.

Богоевски во сведочењето во американската амбасада во Скопје пред да биде затворен, соопштува детали за конкретни милионски суми и за конкретни имиња и посредници, кои ги зеле парите.

Претходно тројцата обвинети директори на „Маѓар телеком“, Андраш Балог, Елек Штрауб и Тамаш Морваи, побараа да не биде прифатено сведочењето на Богоевски бидејќи немале доволно можност да го испрашаат на вкрстеното сослушување, организирано, исто така, во Амбасадата на САД во Скопје, преку видеоконференција, затоа што во меѓувреме бил затворен од македонските власти. Ова барање беше одбиено од судот.

Претходно и поранешниот премиер Владо Бучковски, кој, исто така, е спомнат во сведочењето и е посочен дека зел мито, реагираше дека исказот на Богоевски бил „тенденциозен, со невистинити конструкции“.

Случајот „Маѓар телеком“ се отвори кога беше поднесена кривична пријава против првите луѓе на компанијата, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваија, кои во Црна Гора одобриле компанијата да подмити владини функционери со 7,35 милиони евра за да се олесни влегувањето на тој пазар и да се преземе државната телекомуникациска компанија „Телеком Црна Гора“ АД.

Веднаш потоа почнаа шпекулациите и за делот за Македонија, во кои Штрауб, Балог и Морваи се обвинети дека преку договори за наводни консултантски и маркетинг-услуги, префрлиле пари кон компании поврзани со високи функционери на македонската влада. Во замена за тоа, Владата го одложувала носењето на одлуката за воведување нов, трет мобилен оператор и со тоа ги држела цените на телекомуникациските услуги во Македонија вештачки високи, обезбедувајќи им дополнителен профит на „Маѓар телеком“ и на „Дојче телеком“, како сопственици на „Македонски телекомуникации“. За да не биде распишан тендерот, како поткуп, биле понудени околу 10 милиони долари, исплатени преку посредник – познат грчки бизнисмен.

Корумпираните политичари се наведени како висок или високи функционери на најголемата владејачка партија во 2005 година и на најголемата владејачка партија на малцинската заедница во истиот период.

Поранешниот разузнавач Слободан Богоевски доби две години затвор за случајот „Агент“  и со двајца адвокати од Скопје, двајца управители на фирми и со еден Словенец, беше обвинет за малверзации со градежното земјиште кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Извор: Мета

Интересно

sobrani11-860x680

Ќе се формира Анкетна комисија за случајот „Фабрика за фалсификувани лични документи“

Пратениците во Собранието денеска донесоа одлука да се формира нова анкетна комисија за фабриката за …