Nikola-TodorovМинистерството за здравство набавило шест нови дигитални мамографи за потребите на шест јавни здравствени установи, кои во наредните неколку дена треба да бидат инсталирани и пуштени во употреба, соопшти денеска министерот за здравство, Никола Тодоров, кој попладнево имаше обраќање на 8. Национална конференција за рак на дојка, во организација на здружението „Борка“.

– Нови мамографи ќе добијат хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и болниците во Кавадарци, Штип, Куманово, Прилеп и во Кочани, а вкупната инвестиција изнесува околу 40 милиони денари. Дополнително донесовме одлука да почнеме постапка за набавка на нови мамографи за Гевгелија, Радовиш, Велес и за Македонска Каменица. Со набавката на овие апарати ќе се овозможи мамографскиот скрининг да се изведува на повеќе локации во земјава, односно оваа здравствена услуга да биде што е можно подостапна за женската популација – рече Тодоров.

Тој посочи дека од 7 април оваа година, е воведен бесплатен мамографски скрининг за жените на 50-годишна возраст, а до крајот на 2016 година се планира со мамографскиот скрининг да бидат опфатени сите жени на возраст од 50 до 69 години.