Ципрас и Кери разговараа за спорот за името

cipras-i-keri1Спорот за името меѓу Македонија и Грција се најде на агендата на средбата на грчкиот премиер Алексис Ципрас и американскиот државен секретар Џон Кери. САД изразиле поддршка за изнаоѓање решение, додека грчката страна уверила дека постои волја за решавање на спорот во рамки на грчките црвени линии за сложено име.

Според информациите од кабинетот на Ципрас, Кери изразил подготвеност САД да помогнат и да поддржат решавањето на дводеценискиот проблем. Ципрас на ова потенцирал дека грчката влада има волја да се најде решение за спорот со формула за сложено име со географска одредница и за севкупна употреба односно ерга омнес. Грчкиот премиер потенцирал дека и македонската влада мора да покаже соодветна волја и намера да се најде решение.

Средбата Кери-Ципрас на која учествуваше и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас се случи ден по мини-дипломатскиот инцидент со грчката негативна реакција и неучествувањето на состанокот за борба против насилствата на ИСИЛ во рамки на Генералното собрание на Обединетите Нации.

Кери и Ципрас разговарале и за кипарското прашање, грчко-турските односи, но и за грчкиот долг и преговорите во рамки на еврозоната, во кои САД беа силни поддржувачи на Грција. Се разговарало и за бегалската криза, ситуацијата во Украина и Сирија.

Една од клучните теми била и енергетската политика. Кери потенцирал дека спроведувањето на плановите за Трансјадранскиот гасовод и гасоводот меѓу Грција и Бугарија е од клучно значење за да се зајакне енергетската улога на Грција во европски и меѓународни рамки. Неофицијално во Грција со месеци се говори дека САД и ЕУ се противат на идејата за прифаќање на нов руски гасовод од грчка страна со цел да не се дозволи руско монополизирање на енергетскиот пазар во Европа.

Грчкиот премиер денес е предвидено да се обрати со говор пред Генералното собрание. Грчката страна оваа посета ја фокусираше на зајакнување на меѓународните врски и поддршката за излез од кризата, нејзината финансиска стабилност и лобирање да се притисне за реструктуирање и намалување на грчкиот долг по договорот постигнат со европските партнери.

Извор: Мета

Интересно

sobrani11-860x680

Ќе се формира Анкетна комисија за случајот „Фабрика за фалсификувани лични документи“

Пратениците во Собранието денеска донесоа одлука да се формира нова анкетна комисија за фабриката за …